Учениците од деветто одделение од Основното училиште „Белорта“, општина Корча е првата група ученици кои беа во посета на музејот на истакнатиот писател со македонско потекло Стерјо Спасе во селото Глобочени, општина Пустец.
За животот и делото на Спасе, еден од основоположниците на современа литература во Албанија, пред ученците зборуваше Васил Стерјовски.
-По покана на мојот пријател Ергет Ценоли, наставник во ова училиште, на учениците им зборував за ликот и делото на писателот Стерјо Спасе. Во музејот учениците кажуваа делови од романите на писателот, рече Стерјовски.
Музејот на свечен начин беше даден во употреба на 25 минатиот месец, а во него меѓу другото се поставени оригинални ракописи на пистелот, но и традиционални предмети од областа Преспа.
-Некогашното рунирано училиште сега е прекраен објект како дел од проектите Smart_Cul_Tour, ко- финансирани од Европска Унија, во рамки на вториот повик од ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, 2014-2020 година. Тој е прв музеј во регионот на Преспа и веќе станува нова дестинација која дава дополнителна вредност на ова преубаво подрачjе, додава Стерјовски во изјавата за МИА.
Стерјо Спасе, роден е во село Глобочени, Мала Преспа во 1914, а починал во Тирана, 1989 годна. Тој е познат писател со македонско потекло и е еден од основоположниците и најзначајните претставници на современата албанска литература. Познат е и како антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби во Мала Преспа. Автор е на петнаесеттина романи и многу раскази. Негово најпознато книжевно дело е романот „Од живот за живот – зошто?“, кој е напишан во вид на дневник и се фокусира на една трагична дилема на млад интелектуалец на село.
И неговиот син Илинден Спасе, универзитетски професор во пензија, пишува на албански и на македонски јазик. Член е на Друштвото на писателите на Република Македонија. Синот на Илинден, Аријан Спасе е дипломат од кариера.
Албанскиот претседател Илир Мета, пред три години, постхумно го одликува со признанието „Витез на редот на знамето”. Тогаш Мета рече дека неговиот познат роман „Зошто“ го најавил создавањето на современа литература во Албанија, додавајќи дека Стерјо Спасе е значајна личност не само во Албанија туку на Балканот и Европа.