Доброволното противпожарно друштво од Кочани бара донации од граѓаните за да набави половно моторно возило со кое ќе може да интервенира на терен.
Пожарникарите волонтери очекуваат да соберат околу 660 илјади денари, што иако не е оптимален буџет би требало да им обезбеди соодветно возило и негова надградба за гаснење пожари и други интервенции.
-Акцијата за собирање донации се одвива преку првата македонска интернет краудфандинг платформа eCrowd.mk, каде секој граѓанин кој сака да помогне, без оглед дали живее тука или некаде во странство, со неколку клика може да даде финансиска помош. Притоа, минималната сума е 100, а максималната 6000 денари во еден ден. Целта е да обезбедиме половно возило со погон на сите четири тркала и товарен простор со надградба од резервоар за вода, пумпа и млазница, односно ќе биде приспособено за гасење шумски и други пожари на отворено. Со тоа нашето Друштво ќе може да интервенира и самостојно, но и да им помага на професионалните пожарникари од ТППЕ – Кочани секогаш кога ќе има потреба, истакна Златко Илијев, претседател на Доброволното противпожарно друштво од Кочани.
Рокот за прибирање на донациите трае до средината на идниот месец, а досега преку интернет платформата е собрана околу една десетина од планираната сума. Во акцијата можат да се вклучат и правни субјекти, а финансиската поддршка можат да ја уплатат на банкарската сметка на ДПД – Кочани.
Друштвото што како здружение на граѓани беше формирано минатата есен по катастрофалните пожари во кочанскиот регион, пред две недели целосно ги заврши потребните обуки за своите членови и се стекна со соодветен сертификат од Дирекцијата за заштита и спасување. Во изминатиот период тие имале над 60 интервенции при пожари, извлекување повредено лице во планина, потрага по исчезнато лице, како и еколошки, крводарителски и други хуманитарни акции.