Фабриката „Техникал Текстајл" во штипската ТИР зона заработи парична казна, поради побелувањето на водата на река Брегланица, на 23 јуни 2020 година. Основниот суд во Штип денеска ја објави пресудата,а паричната казна е 200.000 денари.
-Основниот суд во Штип претставен од судија поединец донесе Пресуда поради признание на вина, со која управителот на правното лице и правното лице се огласени за виновни и осудени на парична казна и тоа: на управителот на правното лице за сторено кривично дело од чл.218 ст.4 в.в. ст.1 од КЗ му е изречена парична казна во износ од 2000 евра во денарска противвредност од 123.000 денари, а на правното лице за сторено кривично дело од чл.218 ст.6 в.в. ст.1 од КЗ му е изречена парична казна во износ од 200.000 денари, се вели во соопштението од Основен суд-Штип.
Фабриката и управителот на правното лице се теретеа за кривично дела Загадување на животната средина и природата, во соопштението се наведува за настан случен на ден 23.06.2020 година во кругот на правното лице, лоциран во Штип, кога од небрежност можело да се предизвика значително оштетување на квалитетот на водата на реката Брегалница, и не се превзеле мерки за заштита, поради што дошло до истекување на течна хемикалија и големо количество на биолошки неразградиви супстанци преку одводен канал, кое довело до заматување на водата на реката. Тогаш причината беше пукнато црево од цистерна при дотур на хемикалија. Управителот на фабриката на последното рочиште призна вина и се извини на граѓаните на Општина Штип.