Почнува серијалот од 12 мултимедијални и едукативни настани за најмладите, кои во различни градови низ државата ќе ги организираат љубопитното и штедливо слонче Халки и неговите другари. Првата работилница ќе се одржи денеска, во Градската библиотека „Благој Јанков – Мучето“ во Струмица.
Почетокот е во 12:00 часот, а настанот е наменет за деца од прво до четврто одделение.
Првата епизода од „Приказните од моето маало“ е замислена како креативна едукација низ ликовно изразување на тема „Природата нè сака сите“. Ментор на работилницата е уметникот и автор за деца Ване Костуранов. Тој и учениците заедно ќе читаат литературни творби на тема природа, а потоа ќе создаваат ликовни дела со користење еколошки и природни материјали.
Халки и неговиот тим ќе патуваат низ повеќе градови и населени места во Македонија и преку читање, пишување и поттикнување на детска љубопитност и фантазија ќе ја слават креативноста. Серијалот тематски третира прашања важни за денешните деца како што се чиста животна средина, прифаќање, инклузија, другарство, читање книги, штедење итн.
„Караванот „Приказни од моето маало“ е дел од корпоративна стратегија на нашата банка која верува во мудро вложување во иднината преку формална и неформална едукација на децата. За нас сите приказни се важни, посебно оние од децата и за децата“, вели Маја Наумовска Савеска од Халкбанк.
Во знак на пријателство и соработка, „Халкбанк“ на Градската библиотека во Струмица ќе ѝ донира специјално катче за читање, како и сликовници за најмладите читатели.