Штипската клиничка болница по неколку децении обезбеди амбулатно возило од сопствени средства. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев вели дека претходно возилата биле обезбедувани по пат на донации.

-Со ова возило и со претходните четири, кои ги имаме набавено, а кои се добиени по пат на донации сериозно ги зголемивме перформансите на возниот парк, што е многу важен и во нормални околности и во текот на двете години со пандемијата со Ковид-19 уште повеќе доби на значење, поради зголемената мобилност на пациентите кои ги имавме во тој период. Со ова уште еднаш докажавме дека сме на курсот за зголемување на квалитетот на здравствените услуги во Клиничка болница-Штип, вели Ѓеорѓијев.

Новото возило чини два милиони денари, а Ѓеорѓијев вели дека и годинава имале план да набават ново возило, но поради енергетската и економската криза ќе почека за наредната година. Посочи дека во изминатите пет години извршена е санација на системот за парно греење, потоа обезбедена квалитетна храна за пациентите, набавка на нова апаратура за сите одделенија и навремено сервисирање на скапата опрема.

Прашан за високите сметки за електрична енергија, Ѓеорѓиев вели дека во текот на јануари им бил раскинат договорот со добавувачот, а во февруари добиле повисока сметка за пет пати споредено со февруари 2021 година. Новата сметка за февруари е четири милиони, а во февруари лани болницата за струја платила 700.000 денари.

-За среќа од 1 април можам да кажам дека веќе го завршивме тендерот и веќе сме кај нов добавувач за електрична енергија и се надевам дека веќе априлската сметка ќе биде во понормални граници. Сметам дека ќе имаме две повисоки сметки за струја и ќе успееме на некој начин да се справиме со проблемите кои ги прават високите сметки за струја, вели Ѓеорѓијев.