Центарот за култура во Кичево во април нуди богата културна програма во која се застапени целовечерни концерти, драмски претстави и други видови културни случувања.
– Културната понуда ја отворивме со целовечерен концерт на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ од Скопје на 1 април. На 11 април во големата сала ќе се одигра драмската претстава „Чекајќи го министерот“ со познатата српска актерка Лидија Вукичевиќ, актерот и стенд-ап комичар Семир Гициќ и домашниот глумец Сашо Ристески, изјави директорот на Центарот за култура Мазлам Османи.
На 16 април со почеток во 18 часот ќе се одржи концерт на класична музика „Меликус“, а на 26 април традиционалниот Велигденски концерт на кој ќе настапи КУД „Рацин“, друштво кое функционира во рамки на Центарот за култура.
Според директорот на Центарот за култура, до крајот на овој месец се очекува културната понуда да биде збогатена за што јавноста дополнително ќе биде информирана.