Со десетдневни акции, попусти и подароци за верните читатели, од 4 до 14 април интернет-страницата за онлајн-продажба на книги „Купикнига.мк“ прославува една декада постоење.

Во рамките на одбележувањето на роденденот, препознатливата е-книжарница секој ден нуди попусти над 50% на различни, селектирани книги, а неколку илјади наслови од повеќе издавачки куќи се со намалени цени.

Преку „Купикнига.мк“ изминатите десет години се продадени над 100.000 книги. На сајтот се понудени книги од над 1.000 издавачи од Македонија, Србија, Албанија, регионот и пошироко. Има над 68.000 следбеници на социјалните мрежи и повеќе од 10.000 членови на фејсбук-групата „Книги на македонски јазик“ на која се активни учесници. Има 38.000 регистрирани корисници.

– Како пионери во електронската продажба на книги, изминатите десет години поминаа мошне динамично и интересно. Како вчера да беше кога се обидувавме да ги придобиеме издавачите и да ја објасниме нашата цел. Во тоа време е-трговијата сѐ уште беше многу непозната и имавме голема мисија да го пробиеме пазарот и да овозможиме достапност на книгите до читателите, не само во Македонија туку и насекаде во светот. Се соочивме со секакви предизвици, кои ни помогнаа да пораснеме и созрееме. Ја поставивме основата на е-трговијата со книги и постепено и издавачите почнаа да го следат тој тренд и да отвораат свои е-продавници. На почетоците голем дел од издавачките куќи немаа воопшто свој сајт, а денес тоа е сменето. Речиси и да не постои издавачка куќа што нема интернет-страница. Ги едуциравме читателите како можат да нарачуваат книги преку нашата е-книжарница и едноставно и брзо да ги добијат на домашна адреса. Сите овие чекори придонесоа кон тоа секојдневно да се зголемува бројот на читатели кои нарачуваат онлајн и да стекнат доверба дека навистина ќе ги добијат производите што ги нарачале. Нашиот труд продолжува и понатаму да биде насочен кон тоа да ги донесеме новитетите од пишаниот свет, да бидеме постојано во тек со светските трендови и на нашите корисници да им пружиме врвна услуга и квалитет каков што заслужуваат – велат од „Купикнига.мк“.

Изминатите десет години „Купикнига.мк“ бележи низа успеси. Добитник е на наградата за најдобар сајт за е-трговија во 2012 година. Има освоено признанија во категоријата за образование, наука и култура (во 2014, 2016, 2019 г.), се има стекнато со сертификат „Фер со потрошувачот“ со кој се потврдува посветеноста кон читателите, учествува во многубројни интервјуа, радио и телевизиски програми, каде што добиваат признанија за најдобра бизнис-идеја за подобрување и зголемување на читачката култура во Македонија.

– Сите овие признанија ни даваат дополнителен мотив и поттик секојдневно да растеме и да ја прошируваме мрежата на издавачи кои ги нудат своите книги на „Купикнига.мк“... Нашето мото „Омилените книги достапни насекаде во Македонија по извонредни цени“ е главната водилка сите овие години. Се трудиме со сите издавачи да понудиме цена иста како и во нивните книжарници. Со тоа им овозможуваме на читателите на само едно место да ги пронајдат сите нивни омилени книги и со само неколку кликови да ги добијат на наведената адреса. Нашиот труд е насочен кон тоа да имаме колку што е можно побогата понуда на најразновидни книги за секаков вкус на повеќе јазици, односно нашата мисија е да ги обединиме сите книги на едно место и да ги направиме достапни за секого. Инаку, роденденската акција трае до 14 април и затоа им препорачуваме на сите љубители на пишаниот збор да ја искористат оваа можност и да ги збогатат своите домашни библиотеки – додаваат од „Купикнига.мк“.