Започнаа обуките од проектот за намалување на отпад од мебел, дрвен отпад и текстил преку реупотреба и зголемување на социјалната вклученост во општината.

-Првиот ден од првиот циклус обуки одлично помина вчера. Учесниците се запознаа со алатите и заштита при работа, како и видови на материјали, полупроизводи и производи кои може да бидат предмет на реупотреба на мебел, информираа денеска од Здружението ,,Еко-живот”.

Ова регионално здружение за заштита и унапредување на животната средина, го имплементира проектот, во соработка со средното општинско земјоделско шумарско училиште „Ѓорче Пeтров”, кавадаречката локална самоуправа и јавното претпријатие „Комуналец”.

-Проектот е финансиран од Програмата за мали грантови (ПМГ) на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ), ,,Еко-живот”, училиштето„Ѓорче Пeтров” и општината Кавадарци. Проектот е со вкупен буџет од 35.910 американски долари. Од нив, 29.910 американски долари се од страна на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ ПМГ), а остатокот е обезбеден со учество од „Еко-Живот“, училиштето и Општината, појасни Роберто Паризов, претседател на Здружението и координатор на проектот.

Тој потсети дека генерална цел на проектот е намалување на отпадот од мебел и текстил на депониите и јавните површини и негативното влијание на овој отпад по животната средина во општината.

-Со проектот е опфатена набавка на опрема и ќе се обучат лица да поправаат и крерираат мебел. Една од конкретните цели, е воспоставен центар за реупотреба, за собирање, селекција и преработка за реупотреба на мебел и реупотреба на текстил. Конкретна цел, исто така, е зголемување на свеста на граѓаните, локалните институции и бизнис заедницата за позитивните ефекти на циркуларната економија, со акцент на реупотребата, по животната средина и животниот стандард на граѓаните, особено ранливите групи на граѓани во општина Кавадарци. На крај, тука е секако и зајакнувањето на капацитетите на организацијата за продолжување со активностите за собирање, селекција и реупотреба на мебел и текстил, како и достава на преработени работи до семејства од социјален ризик, додаде Паризов.

Тој ги повика сите коишто имаат мебел што не им треба, да го донираат, за да биде соодветно третиран и реупотребен.