Педесетина граѓани на Делчево денеска по повод 7 Април, Светскиот ден на здравјето, ја искористија можноста за бесплатни превентивни прегледи на пунктот, каде лекар од Итната медицинска помош мереше притисок и шеќер во крвта. Бесплатните прегледи ги организираа Комисијата за еднакви можности од Општина Делчево, Здравствениот дом „Гоце Делчев“ и Советот на млади.

Претседателката на Комисијата за еднакви можности, Јасмина Ќурчиска истакна дека целта на оваа активност на Комисијата е да се промовираат превентивните прегледи како приоритетни и потребни во системот на грижата за јавното здравје.

– Превенцијата значи и рано откривање на голем број заболувања. Неодамна на иницијатива на Комисијата за прв пат во јавното здравство во Делчево беше воведена здравствена услуга ехо на дојка за превентивно и навремено откривање на рак на дојка. Превенцијата е најдобриот лек и потреба секој граѓанин да практикува редовни здравствени прегледи за превенција на најразлични заболувања, истакна Ќурчиска и изрази благодарност до Здравствениот дом за поддршката за оваа акција.

Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски по повод 7 Април, испрати честитка до здравствените работници потенцирајќи дека тие се хероите на нашето време.

– Одлучни, храбри и хумани извојувавте победа над уште една пандемија која во историјата на човештвото ќе биде запишана како исцрпувачка и тешка, пандемија која се закани да ни го промени животот од корен. Сите од свој аспект на делување треба да дадеме придонес да ја сочуваме планетата, а со тоа и нашето здравје, истакна во честитката Трајковски.

Денешниов ден, 7 Април е ден кога се одбележува основањето на Светската здравствена организација (СЗО) и традиционално е посветен и на здравствените работници, нивната улога и значење во грижата за нашето здравје.