Само тројца ковид пациенти се хоспитализирани на инфективното одделение во Општата болница во Прилеп, но затоа се полнат другите одделение што не се случило со години. Дел од нив имаат постковид компликации.
Според Кети Смилеска, директор на Општата болница со проширена надлежност во Прилеп, најмногу пациенти има на интерното одделение, на хирургија и на невро-психијатриското одделение.
-Оваа бројка од 70 хоспитализирани пациенти од другите одделенија ја немаше последниве години и мислам дека последиците сега се одразуваат на работата на другите одделенија. Има дел кои имаат постковид компликации, дел коморбидитети на кои, можеби досега не посветиле внимание поради ковид ситуацијата. Ова се бројки за анализи, тераат на замислување, но се надеваме набрзо дека ќе се подобри ситуацијата. Затоа е битно обрнување внимание на комплетното здравје, физичко и ментално, вели Смилеска.
Имунизацијата активно се препорачува како превентива, иако интересот е мал. Здравствениот сектор е целоно вклучен во апелите.
– Нашите апели колку значи вакцинацијата остануваат. Вакциналниот пункт во Здравствениот дом им стои на располагање на граѓаните. Ќе издадеме и флаери, ги прифаќаме пораките и укажувањата што им ги даваат матичните на пациентите и остануваме на препораката за вакцинацијата која е битна да се намалат ризиците за здравјето, вели Смилеска.
Болницата има доволно кадар да одговори на потребите, а од мај треба да профункционира апаратот за магнетна резонанца.
– Секогаш има потреба од кадар и персонал, особено од специјалисти. Тројца лекари ја завршија специјализацијата, но ќе треба почекаме на тие кои лани заминаа на специјализации. Опременоста во моментот е солидна, а во последно време со нетрпение и ние и пациентите очекуваме да профункционира апаратот за магнентна резонанца. Сега е последната обука на персоналот, изјави Смилеска.