Со мерење на крвниот притисок, шеќерот, телесната тежина и демонстрирање на наученото од страна на учениците во медицинските струки, денеска во Струмица беше одбележан Светскиот ден на здравјето – 7 Aприл.

-Како организатори сме задоволни, бидејќи тоа е еден убав момент кога се разбудува свеста кај граѓаните да се поттикнат убави здравствени навики, рече Танкица Стојанова, в.д директор на НУЦК „Антон Панов“ Струмица.

Граѓаните кои присуствуваа на настанот најмногу се интересираа за физикалната терапија која ја демонстрираа учениците од медицинските струки од средното училиште „Димитар Влахов“, а меѓу нив беше и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

-Нашите ученици по завршувањето на образованието се вклучуваат во здравствениот систем, но голем дел од нив го продолжуваат образованието на медициснките факултети. Создаваме добри кадри со многу знаење, бидејќи здравствениот систем е тој што го држи општеството, рече Зоран Ристов Патриков, заменик директор на СОУУД „Димитар Влахов“ – Струмица.

Настанот го организираше Центарот за култура во Струмица во соработка со ЈЗУ Здравствен дом Струмица, струмичкиот Црвен крст и СОУУД „Димитар Влахов“ Струмица. рт/хс/