Општините Делчево, Берово и Македонска Каменица се одбрани како нови партнер општини од Пијанечко-Малешевскиот регион во рамки на Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите. По тој повод претставници од трите општини учествуваа на настанот насловен „Нови партнери за подобро општинско буџетирање“.

-Настанот е организиран како дел од проектот на УСАИД, на кој присуствуваа претставници од Амбасадата на САД, претставници од министерствата за финансии и локална самоуправа, градоначалници, претставници од ЗЕЛС и меѓународната донаторска заедница. Беа промовирани и клучните предизвици и препораки за подобрување на процесот на буџетирање и меѓувладините капитални трансфери до единиците на локалната самоуправа, истакнаа од Општина Делчево.

По тој повод како што додадоа, градоначалникот Горан Трајковски потпиша Меморандум за соработка за реализација на проектот во Општина Делчево.

-Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите е петгодишен, а им помага на владините институции во земјава да ги соберат и самостојно да управуваат со ресурсите потребни за финансирање на услугите што ги бараат нејзините граѓани, додадоа од Општина Делчево.

Со проектот на УСАИД за кој Меморандум потпишаа и Општините Берово и Македонска Каменица, во првата фаза беа опфатени 16 општини, а во втората уште 24 општини добиваат можност да се организираат, да се екипираат и да изградат капацитети за вршење на работите за кои се задолжени според законот. вс/вј/