Остатоци од модерни градби, монета од почетокот на 20 век и други остатоци од поновата историја, се пронајдени при заштитните археолошките истражувања на плоштадот „Крушевска Република", кој е во заштитеното градско јадро и е дел од проектот за негова реконструкција.

Директорот на националната установа „Завод и музеј" – Охрид, Мишко Туткоски информира дека од поставените сонди на различни позиции на Плоштадот констатирале дека најдолем дел од откритијата се остатоци од модерни градби.

– Не најдовме ниту еден движен археолошки материјал. Нема кермаика, нема никакви остатоци засега, освен една монета која датира од 1913 година. Не станува збор за некакви археолошки откритија, кои во овој момент би биле значајни за стопирање на работите за реконструкцијата на плоштадот, изјави Туткоски.

На тој простор, посочи, дека имало стари туски гробишта, кои не биле во употреба, биле напуштени околу Втората светска војна. Имало ѕидана чешма, стари трансформатори и фурна, која ја паметат постарите жители на Охрид.

– Голем дел од тие градби ние ги ископуваме, а тие се од минатиот век во периодот меѓу двете светски војни и после Втората светска војна. Со уредувањето на тој простор, кога се пробивале улици и се отворала површината за да се направи пазар, па подоцна и плоштад, таму се извршени голем број градежни зафати, кои најголем дел од тие остатоци од горните слоеви ги уништиле, рече Туткоски.

Според него, археолозите во сегашните истражувања стигнале до повеќе од два метри длабочина, но немало загрозување на археолошки остатоци, за реконструкција на Плоштадот.

– Работиме сеуште, при крај сме, финализираме со последната сонда. Тоа што ќе биде како заклучок на крајот е дека нема никакво загрозување на археолошките остатоци, кои се наоѓаат на тој терен, доколку ние дозволиме да се направи реконструкција на Плоштадот. Реконструкцијата значи 30 до 40 сантиметри длабочина, остранување на слоевите, тампонирање и поставување на новите плочки, појасни директорот на Завод и музеј – Охрид.

Археолошките истражувања ги врши тим професионалници од Музејот, археолози, документатор,….. По нивното завршување и изготвување извештај од страна на институцијата, треба да почнат активности за целосна реконструкција на Плоштадот