Во Кавадарци денеска е отворен новиот Градски зелен пазар, кој се простира на површина од 2.100 квадратни метри, со три нивоа. Приземно и подземно, со вкупно 130 паркинг места, магацински простор и санитарни јазли. Делот за пазарување располага со 190 модерни тезги и шест фрижидери. Сите нивоа се поврзани со скали, товарен лифт за достава на роба и помал лифт за пешаци.

Според градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, ова е еден од најголемите и најзначајните проекти на општината. Изградбата од бетон и челик чинела 105 милиони денари, а опремувањето 12 милиони денари.

– Градскиот пазар после 60 години доби модерен и атрактивен изглед и јас сум посебно горд поради овој проект – нагласи градоначалникот.

Задоволство изрази и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и ги охрабри сите останати да го следат примерот на Јанчев и на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кои ги реализираат ветувањата и ја оправдуваат довербата што им е дадена.

– Се надевам дека ќе продолжиме со истата динамика и во периодот што следи. Покрај целата криза што ни се случува во Македонија. Економска, енергетска, криза на политички план, секаква. Да има предвремени избори со што ќе биде испочитувана волјата на граѓаните. А согласно мерењата на јавното мислење, огромно мнозинство, повеќе од 75 проценти од народот, мисли дека оваа Влада ја движи Македонија во погрешен правец и дека треба да си замине. Новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се фати во костец со решавање на проблемите и ќе ги решава, ќе го олесни животот на граѓаните, како што тоа го прават нашите градоначалници – нагласи Мицкоски.