Од продажбата на три градежни парцели во населбата Карач ,наменети за објекти за времено сместување ,општина Дојран инкасира околу 260.000 евра со што потврди дека сеуште е привлечна дестинација за инвеститорите ,особено по претходното наддавање кога беа продадени понудените 14 парцели за изградба на викендици.
Почетната цена за метар квадратен на електронската аукција од почетните 523 денари, за некои поатрактивни парцели достигнала цена до 2.000 денари за квадрат, потврдија од општината од каде соопштија дека интересот за инвестирање во Дојран се потврдува и преку податоците од последниот попис според кои бројот на становите во општината изминативе 20 години се зголемил за повеќе од илјада или за 49 отсто.
Најповолните понудувачи, во рок од 15 дена, откако ќе добијат решение дека се избрани,должни се да ги уплатат средствата и да се стекнат со право на сопственост, а најдоцна за една година треба да подигнат и одобрение за градба според урбанистичкиот план на населбата Карач.