Вработените во основните и средните училишта во кочанско-виничкиот регион го спроведуваат штрајкот што го најави СОНК, односно дојдоа на работните места, но не ја реализираат наставата.

Слична е состојбата и во детските градинки, освен во детската установа „Павлина Велјанова“ каде се згрижени сите деца.

-Сите вработени во училиштата во општините Кочани, Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево од утрово се придружија на штрајкот со кој се бараат повисоки плати. Настава не се изведува, а оние ученици кои дошле на училиште се вратени дома. Задоволни сме што наставниот кадар го почитува договорот за штрајк и така ќе продолжиме до исполнувањето на барањата, истакна Стојко Рамов, претседател на СОНК за кочанскиот регион.

Од градинката во Кочани информираа дека ги примиле децата, иако дел од вработените ја почитуваат одлуката на СОНК за штрајк.