Според неодамна објавениот економски извештај на Светска банка, економскиот раст во Србија годинава ќе биде 3,2 отсто, а не 4,5 отсто, како што беше предвидено во јануари, пред почетокот на војната во Украина. Најголема корекција на очекуваната стапка на раст, во однос на јануарската проекција на Светска банка, во регионот на Западен Балкан, „претрпе“ Црна Гора – за два процентни поени – од 5,6 на 3,6 проценти, па Србија – за 1,3 процентни поени – од 4,5 проценти до 3,2 проценти, јави дописникот на МИА од Белград.

Светска банка во својот априлски Економски извештај за Европа и Централна Азија наведе дека стапката на раст во Западен Балкан ќе падне на 3,2 отсто во 2022 година. Ефектите од војната во Украина, според извештајот, врз регионот на Западен Балкан се прелеваат главно преку каналот на суровините.

Според проекцијата, во регионот на Западен Балкан растот на БДП во Црна Гора ќе биде 3,6 отсто, во Босна и Херцеговина 2,9 отсто, во Северна Македонија 2,7 отсто, во Косово 3,9 отсто и во Албанија 3,2 отсто. Најголем пад, во однос на последната проекција на Светска банка од почетокот на годината, бележи Црна Гора – од 5,6 отсто на 3,6 отсто.