Американскиот Стејт департмент ги стави на црна листа сопственикот на „Тв Ора“ Или Ндроќи, како и поранешниот пратеник на ПДИУ (партија на Чамите), Аќиф Ракипи.

-Двајцата се обвинети за корупција, уцена, проневера, поткуп и вмешаност во организиран криминал. Организираниот криминал останува значајна закана во Албанија, а криминалните актери продолжуваат да влијаат на албанската политика, користејќи пари и насилство заради поддршка на преферираните кандидати, пренесуваат албанските медиуми.

Според медиумите, Или Ндроќи е сопственик на телевизија Ора њуз, како други пишани медиуми, чиј имот беше запленет од албанската влада во 2020 и 2021 година за претходни криминални активности. Ндроќи ги користел медиумите кои биле под негова контрола за да изнудува и уценува албански граѓани преку барање пари и купување огласи во замена за необјавување на негативни написи во медиумите. Ндроќи, исто така, посредувал за поткуп во име на ентитет кој сакал да прави бизнис во Албанија.

-Аќиф Ракипи е озлогласен поранешен пратеник од Елбасан, Албанија, кој има штетно и дестабилизирачко влијание врз политичките процеси во Албанија. Бројни организирани криминални групи во Албанија нуделе пари, подароци или слободни работни места или отстапки во замена за гласови за нивната омилена политичка партија. Ракипи долго време е вмешан во организиран криминал и е тесно поврзан со организирана криминална група, во која има политичко влијание, вклучително и преку корупција. На пример, Ракипи го искористил своето политичко влијание за да назначи свои пријатели на клучни јавни позиции во Елбасан и Тирана. Ракипи го загуби мандатот како пратеник во албанскиот парламент, откако обвинителите ја потврдија неговата улога во криминални активности под псевдоним, наведуваат албанските медиуми.

Двајцата се товарат и за одговорност или соработка во или за директна или индиректна вмешаност во корупција на Западен Балкан, вклучително и корупција од, во име или поврзана со, една влада на Западен Балкан, или актуелен или поранешен владин функционер, на кое било ниво на владата во Западен Балкан, како што се присвојување на јавен имот, експропријација на приватна сопственост за лична корист или политичка корист, или поткуп.

Во мај минатата година амерканскиот Стејт департмент за персона нон грата го прогласи поранешниот претседател, експремиер и екслидер на албанските демократи, Сали Бериша, неговата сопруга, син и ќерка, поради вмешаност во корупција. Досега непожелни за САД се и Том Доши, лидер на Социјалдемократската партија и познат бизнисмен, како и поранешниот главен државен јавен обвинител Адриатик Лала и нивните семејстава.