Во театарската сала од Центарот за култура во Кичево синоќа беше прикажана комедијата на Семир Гигиќ „Чекајќи го министерот“. Првпат по подолг период салата беше исполнета до последното место, а присутните гледачи уживаа во комедијата во која играат актери Лидија Вукичевиќ, Сашо Ристоски и Семир Гигиќ.

Вукичевиќ беше презадоволна од посетеноста на претставата и од односот на публиката.

-Првпат настапувам пред кичевската публика. Најпрво да кажам дека сум воодушевена од вашето големо гостопримство. Имате убав Дом на културата, а публиката присутна на претставата беше прекрасна и ни даваше дополнителен адреналин за да одиграме најдобро што можеме.Пријатно сме изненадена од односот на гледачите кои и на овој начин потврдија дека имаат голема театарска култура, независно од големината на градот, публика која знае да гледа, да слуша и да награди, изјави по завршувањето на претставата српска актерка Лидија Вукичевиќ.

Присутните гледачи беа задоволни од претставата и сите посочија дека на градот му е потребен театар.

Од Центарот за култура има најави дека на почетокот на мај во Кичево ќе има гостувања и на други театарски групи од земјава.