Издавачката куќа „Славика либрис“ од Скопје ја објави книгата „Нулорог“ од чешкиот автор Петр Станчик, а во превод на Донка Роус. Како што соопшти издавачот, номиниран за престижната награда „Магнезија литера“ за Книга на годината за 2019 година, „Нулорог“ на Петр Станчик е истовремено историски и авантуристички роман со детективски мотиви испреплетен со многу хумор и сатира. Насловот „Нулорог“ се однесува не само на роговите што на женките-носорози им ги отсекуваат ловокрадците, но и на „нула-суштината“ на времето во кое веќе нема место за слободната имагинација. Да се владее со маса која под влијание на консумеризмот и на масовните медиуми е затапена е многу полесно, отколку да се завладее со заедницата на „уникатни еднорози“.
Петр Одило Страдички – Станчик од Стрдице (со вистинско име Петр Станчик) е поет, романсиер, драматург и есеист. Роден е на 9 јуни 1968 година во Р. Чешка. Mатурирал во Храдец Кралове, а студирал на Педагошкиот факултет, како и режија на ДАМУ во Прага, каде што студиите предвреме ги напуштил. До 1989 година работел тешки физички работи, а потоа како учител, телевизиски режисер и текстописец за реклами, а од 2016 сосема ѝ се посветува на книжевноста – како слободен писател. Живее во Прага.
Автор е на повеќе романи, како и добитник на престижната книжевна награда „Магнезија литера“ за романот „Мелница на мумии“ (2014), додека романот „Ангелско јајце“ (2017) е избран за книга на годината во анкетата на „Лидове новини“. Автор е и на четири стихозбирки, седум книги за деца, како и на неколку радиодрами изведени на Чешкото радио.