Поранешниот главен уредник на германскиот високотиражен дневен весник „Билд“, Каи Дикман од неодамна е советник на австрискиот канцелар Карл Нехамер, сметаат австриските медиуми.
Дикман првпат беше забележан во австриската делегација што беше во посета на Украина, но и за време на посетата на Москва на средбата на австрискиот канцелар со рускиот претседател Владимир Путин.
Самиот Дикман тврди дека не е советник за надворешна политика на канцеларот Нехамер, но признава дека неговата пи-ар агенција била ангажирана на барање од Австриската народна партија (ОВП) чиј лидер е претседателот на австриската Влада. За посетата на Москва вели дека отпатувал со канцеларот „про боно“, односно за општо добро.
Дикман во изминатиот период во неколку наврати го има интервјуирано Путин, со кого заедно дури биле и на пливање во Сочи.
Поради неговото појавување со Нехамер, австриските медиуми сега шпекулираат дека Дикман станал „мајстермајндот“ на австрискиот канцелар. Се смета дека тој во секој случај е меѓу најтесниот круг советници на канцеларот.
Инаку, Катерина, сопругата на канцеларот Нехамер, му предложила на шефот на австриската Влада да ги ангажира Дикман и неговата пи-ар агенција за советодавни услуги.
Дикман го советувал Нехамер да дозволи и други медиуми, а не само на новинарите на австрискиот јавен сервис ОРФ, да присуствуваат на средбата со браќата Кличко.
Тој на новинарите им пренел дека би било многу поопасно доколку не разговара со Путин, реченица која Нехамер ја изговори по средбата со шефот на руската држава.