Романската влада подготви пакет мерки во вредност од 17,3 милијарди леи (3,5 милијарди евра) за да го олесни товарот од растот на цените за граѓаните, малите и средните претпријатија и земјоделството.

Половина од сумата ќе се собере од европски извори, а остатокот од државната каса, објавија романските медиуми.

Владата ќе ги насочи парите за бонови за храна за сиромашните граѓани и за дополнување на оброците во домовите за деца и домовите за стари лица и болниците.

Пакетот вклучува и поддршка за малите и средните претпријатија, јавниот транспортен систем и земјоделството, како и повеќе средства за јавни градежни проекти, бидејќи градежните материјали исто така поскапеа.

Инфлацијата во Романија достигна 8,5 отсто во февруари, првенствено поради речиси 45 отсто поскапување на природниот гас и 10 отсто поскапување на електричната енергија.

Поскапата енергија ги зголеми и цените на основните прехранбени производи, па така, на пример, компирот поскапе за над 30 отсто, а лебот за 13 отсто. Цените пораснаа непосредно пред и по почетокот на војната во Украина.