Поранешниот конзервативен француски претседател Никола Саркози денеска изрази поддршка на Емануел Макрон пред вториот круг од претседателските избори.

„Мислам дека го има потребното искуство во мигови кога се соочуваме со длабока меѓународна криза, посложена од кога било“, напиша Саркози во статус објавен преку социјалните мрежи.

Во првиот круг од претседателските избори одржани во неделата Макрон освои 27,8 отсто од гласовите, наспроти кандидатката на десницата Марин Ле Пен која доби поддршка на 23,1 отсто од гласачите.

Жан-Лук Меланшон, кандидатот на левицата кој освои 22 отсто од гласовите веднаш по изборите ги повика своите гласачи да не гласаат за Ле Пен која беше противник на Макрон и на изборите во 2017 година.

Макрон тогаш победи со 66,1 спрема 33,9 отсто од гласовите во вториот круг, но анкетите овојпат предвидуваат понеизвесни резултати.

Според една анкета се предвидува многу тесен резултат во вториот круг, при што Макрон би добил 51, а Ле Пен 49 отсто од гласовите.

Друга анкета предвидува победа на Макрон со 55 отсто од гласовите.