Околу 60 автори со исто толку фотографии учествуваат на традиционалната годишна изложба која синоќа беше отворена во ликовниот салон на прилепскиот центар за култура „Марко Цепенков“. Организатор на изложбата е Фото кино клубот „Прилеп“.

Во клубот има околу 200 членови од кои 80-тина работат активно и е единствениот во државава кој работи со млади.

Претседателот на клубот Сашо Попоски вели дека се надева и очекува сѐ повеќе млади во иднина да се одлучат за овие технички науки како и за видео и за кино техниката.

– Факт е дека прилепскиот Фото-кино клуб е меѓу најактивните во земјава и редок кој работи со млади. Младите се креативни, но им треба поттик и водство од искусните. Изложбата го пренесува нивниот талент и љубовта кон уметничката фотографија, им дава шанса на сите млади луѓе да ја покажат својата креативност и правилно да го насочат својот талент, истакна Попоски.

Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески изрази подготвеност да им се помага на младите таленти.

-Ќе продолжиме да помагаме на Фото кино клубот и ќе бидиме значајна поддршка во идните планови и проекти, со цел заедно да допринесеме во афирмација на сите а особено на младите фотографи од нашиот град, посочи Јовчески

На изложбата присуствуваше и сопругата на Јордан Јорданоски-Зазо, зашто оваа традиционална изложба е посветена на прерано починатиот истакнат прилепски фотограф.

Идната година ќе биде јубилејна изложба, а од Клубот се надеваат дека ќе ја одбележат со најголем број фотографии.