Меѓу проблемите со кои се соочува Србија како последица од руската агресија на Украина и невоведувањето санкции кон Русија е и снабдувањето со нафта и гас, и руската сопственост (Гаспромњефт) над Нафтената индустрија на Србија (НИС), особено што рафинеријата во Панчево се снабдува со нафта преку Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ), за што Србија привремено успеа да биде исклучена од санкциите на ЕУ, јави дописникот на МИА од Белград.

Во повеќето опции за надминување на овој проблем е и вест што ја објави порталот Демостат.рс според која азербејџанската државна нафтена компанија (СОКАР) е заинтересирана да го преземе мнозинскиот пакет акции на НИС и е во контакт со Владата на Србија и мнозинскиот сопственик на НИС, руската државна компанија Гаспромњефт.

Иако ЕУ го усвои петтиот пакет санкции против Русија, во исто време одобри исклучоци за нејзините европски соседи, вклучително и за Србија за снабдувањето со нафта и гас, тоа не значи дека ќе престане притисокот на западните земји врз Белград да ја прекине деловната соработка со Москва кога станува збор за НИС.

Целта на САД, ЕУ и другите западни земји е да го убедат рускиот претседател Владимир Путин да стави крај на инвазијата на Украина преку економски санкции, што значи дека овие земји имаат таков однос кон рускиот државен капитал на нивната територија.

Како што пишува Демостат, српските власти имаат можност да го национализираат НИС и со тоа да го вратат во рацете на државата, што е тешко остварливо бидејќи со тоа би се влошиле дипломатските односи со Москва и би ги оставило српските потрошувачи без гас, од кој целосно зависат.

Постои опција и државата Србија да купи мнозински пакет акции од Гаспромњефт, за што треба да се издвојат огромна сума на пари.

Според тоа, доколку сопственоста во НИС треба да се промени, најдобра опција за Владата на Србија би била друга странска компанија да го преземе мнозинскиот пакет од Гаспромњефт.

Извор на Демостат оцени дека Азербејџан и Русија имаат многу добри дипломатски односи и дека СОКАР остварува многу плодна соработка со руските нафтени и гасни компании.

-Доколку Гаспромнефт го продаде НИС на азербејџанска компанија, од друга страна, може да компензира преку деловни аранжмани со СОКАР, оценува Демостат, додавајќи да префрлањето на НИС во рацете на СОКАР би било „погодно“ за западните земји бидејќи Западот може да го претстави тоа како своја победа во кампањата да и нанесе што поголема економска штета на Москва поради нападот на Украина, и поради тоа што Азербејџан има подеднакво добри односи со Вашингтон како и со Москва, што значи дека НИС би бил во сопственост на земја сојузник на САД.

Од Владата на Србија и од НИС засега нема потврда ниту детали за оваа крупна зделка.

Сокар, со седиште во Баку, е една од најголемите светски компании за фосилни горива. Покрај нафтата, компанијата експлоатира и гас и на копно и во делот на Каспиското Море, поседува две рафинерии за нафта и фабрика за гас, како и синџир на бензински пумпи во Азербејџан, Грузија, Украина, Романија и Швајцарија. СОКАР е најголемиот акционер со 58 отсто од акциите во Трансанадолскиот гасовод (ТАНАП) и има 20 отсто удел во Трансјадранскиот гасовод.