Холандскиот министер за надворешни работи, Вопке Хоекстра оцени дека земјите со слични размислувања, би требало да формираат меѓународен Антикорупциски суд. Неговата задача би била да суди за тешки облици на корупција, јави Бета.
Хоекстра и неговите колеги од земјите од Европската Унија, имаа состанок во Луксембург со главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан. Една од темите била и рускиот напад на Украина, како и гонењето на одговорните за воени злосторства.
На официјалниот сајт на холандската Влада, објавено е дека Хоекстра, на состанокот, меѓу другото, зборувал и за главните причини за војната во Украина. Според него, покрај другото, корупцијата во Русија обезбедува економска основа за авторитарниот и репресивен систем, јави бриселскиот портал EURACTIV.
– Подмитување лица на функции не е само финансиски проблем, туку, таа корупција е штетна и за демократијата и владеењето на правото во некои земји. Таа ја зголемува нееднаквоста на населението. Просто, криминал е. Но, последиците не ги трпи само таа земја, корупцијата им штети и на интересите на другите држави. Со формирање антикорупциски суд, Холандија би сакала да го зајакне меѓународниот правен поредок. За тоа ни е потребна поддршка од многу земји, појасни Хоекстра.
Министерот додаде дека е свесен, оти таквиот антикорупциски суд би бил долгорочен проект, што би можел да функционира само со поддршка на меѓународната заедница. Холандија е, сепак, според неговите зборови, подготвена да почне со изработка на нацрт и ги поздравува сите земји истомисленички, што сакаат да помогнат во тоа.
Според Хоекстра, ангажманот на кривичниот суд е еден од најважните чекори на патот кон обезбедување правда за Украина.