Комората на бизниси на Косово (ОАК) ја поздрави денешната одлука на Владата за новите мерки во рамки на итниот пакет, кој има за цел поддршка на граѓаните за соочување со актуелната економска криза.
Бизнис-комората предлага средствата од по 100 евра, што Владата на Албин Курти објави дека ќе ги подели на пензионерите, на вработените во приватниот и јавниот сектор и на студентите, да бидат исплатени во вид на бонови и истите да се користат за купување домашни производи во маркетите.
-Така ќе се придонесе за поддршка на домашните производители и зачувување и зголемување на бројот на вработени, имајќи ја предвид мошне тешката состојба со вработувањата и барањата за напуштање на државата, се вели во соопштението на ОАК.
Според Комората, со прифаќање на нејзиниот предлог ќе се придонесе за полесно соочување на земјата со создадената економска криза и „ќе се помогне на домашното стопанство да го избегне потенцијалниот колапс, имајќи ги предвид тешкотиите со кои се соочуваат бизнисите поради создадената ситуација во светот”.
Премиерот Курти го претстави денеска пакетот мерки, вреден 100 милиони евра, за помош при соочувањето на граѓаните со економската криза во земјата. Со мерките се предвидува поддршка на пензионерите, вработените во приватниот и јавниот сектор и студентите со по 100 евра за месец април, како и помош за социјалните случаи и ранливите категории граѓани.
Според Курти, со пакетот ќе бидат опфатени околу 800 илјади граѓани, или, како што рече, „практично секое семејство во Косово”.