Затаениот број на заболени од канцер поради коринавирусот започна да се манифестира и во поразвиените земји, очекуваме тоа да се случи и кај нас и затоа апелирам на рани прегледи.

Ова денеска го истакна Билјана Додева Христовска, претседател на Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден", по потпишувањето на Меморандум за соработка меѓу општината Кавадарци и Здружението кое го застапува.

-Последниве две години имаше затајување на дијагностичките процедури, операциите и тендерите за лекови, поради пандемијата. Се работи на тоа, укажуваме на овие проблеми и настојуваме поинтензивно да ги решаваме, децидна беше таа.

Додева Христовска потсети дека и досега имаат успешна соработка со цел помош и поддршка на болните од рак, како и промовирање на рана дијагностика, помош и поддршка при третмани и терапии. Таа нагласи дека примерот на Кавадарци треба да го следат и други општини.

Запрашана каде на државно ниво има најголема појава на рак на дојка, одговори дека Кавадарци не е на прво место во таа статистика. Најголем број има во Скопје како најголема општина, но се јавуваат и во Битола, Кочани, Светиниколско, Прилеп, Кавадарци и Велес.

-Не е толку битна инциденцата на рак. Ракот ќе се појавува. Она коешто ние сакаме да го направиме, е ракот да се фати во ран стадиум, кадешто може да биде успешно излечен. Особено кај ракот на дојката, којшто нема превенција. Статистиката за 2020 и 2021 година на новозаболени е намалена, токму поради проблемите со Ковидот. Меѓутоа, алармантна е статистиката на зголемени доцни стадиуми во болеста, токму поради недоволни јавувања за дијагностика, додаде Додева Христовска.

Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев ги поздрави активностите на Здружението и ја нагласи важноста на раната детекција на било која болест. Тој сподели и личен пример со неговата мајка, која била рано детектирана и оперирана пред десет години. Јанчев се осврна и на позитивните моменти од нејзиното членување во Здружението.