Сега е моментот Македонија и останатите земји од Западен Балкан да станат дел од Европската Унија, е заклучокот од денешната дебата на тема „Безбедност, трговија и меѓународно право – можно влијание од руската агресија врз Украина“, која се одржа на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“.
Директорот на Фондацијата, Даниел Браун, смета дека Европската Унија треба воено да зајакне, но и да биде поефикасна во процесот на проширување.
– Европската Унија сега е свесна дека побрзо треба да делува, но одлуките треба да се донесуваат во рамките на ЕУ и не треба да води сметка за некои билатерални спорови, бидејќи тие се неважни и треба да се решат во рамките на ЕУ и да не го спречува понатамошното нејзино ширење. Сите земји кои што имаат аспирација да се приклучат кон Европската Унија сега е моментот да изберат дали ги споделуваат истите вредности со ЕУ, вели Браун.
Универзитетскиот професор Јован Андоновски смета дека „Кризата во Украина за земјите од Балканот е шанса да се забрза процесот на евроинтеграција. Тој порачува дека Македонија треба јасно да се позиционира, да почне преговори за членство и да избегнеме потенцијални конфликти.
– Радува фактот што се создава една позитивна клима ова прашање да се надмине, да се реши. Знаеме дека има и други прашања кои што сè уште се отворени. Тука мислам на статусот на Косово, односите меѓу Косово и Србија. Исто така, постојат и отворени прашања во коишто има странско замешување во делот на Босна и Херцеговина, тука мислам на Република Српска. Така да, секое тлеење потенцијалните конфликти може да дојде да станат замрзнати конфликти, а колку тие подолго траат, толку ќе бидат потешки за решавање. Затоа моментот сметам дека треба да искористи максимално сега, во услови на криза и да се покрене свесноста кај сите оние, кои што носат одлуки на ниво на Европската Унија да се даде јасна перспектива на земјите од Западен Балкан дека нивното место е во ЕУ, вели Андоновски.
Универзитетскиот професор Методи Хаџи Јанев посочи дека не може да се даде прогноза кога ќе заврши и до кога ќе трае конфликтот во Украина. Според него, во моментов ситуацијата на терен наликува како во 1939 година. Дополнува дека светот што го знаеме се менува, а, како што вели, ефектите од конфликтот ќе ги чувствуваме уште долго. Според него, војната во Украина во нашата земја и во регионот каскадно се рефлектираат, а особено влијаат на социјалната сигурност, стабилност и економијата.
– Го чувствуваме првиот бран, допрва претпоставувам ќе следат ситуации кои ќе издејствуваат изместување од комфорот, во кој бевме добар период и за среќа живееме во тој период. Она што треба да се направи е да се направи добра стратегија и план како да се амортизира сето тоа и да се подигне жилавоста на општеството, за да може да ги скрати колку толку ефектите, кои се негативни во секој дел од сферата на живеењето, вели Хаџи-Јанев.
Посочи дека ударите освен што ги чувствуваме и во економијата, ќе ги почувствуваме и во образованието, секојдневниот живот и начинот на кој ги гледавме работите досега. Хаџи Јанев смета дека сегашната ситуација со Русија и Кина е повик за будење на либерално-демокртаскио свет, кој освен декларативно ќе треба и оперативно да дејствува, како и да се носат попрагматични решенија и да излезе од комфорот во кој беше досега.
Војната во Украина покажа дека нема алтернатива за членството во НАТО, вели Димитар Лилков од Центарот за Европски студии Вилфред Мартенс.
– Оваа војна е јасен сигнал за Македонија, Бугарија и Европа за важните одлуки кои ги донесовме за членство во НАТО и се надевам за членство на Македонија со поддршка на Бугарија во Европската Унија, вели Лилков.
Деканката на Правниот факултет при УГД-Штип, Олга Кошевалиска, смета дека ваквите дебати се потребни, а студентите низ нив да добијат и одговори за актуелната ситуација, која ја предизвика војната во Украина.
На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.