Градоначалникот Митко Јанчев и Биба Додева од здружението „Борка – За секој нов ден“ денеска потпишаа Меморандум за соработка. Целта е подобрување на здравствените услуги и јавното здравство на жителите на Општина Кавадарци.

Во рамки на своите активности, „Борка“ иницираше проект за формирање комисија за заштита на правата на пациентите во единиците на локалната самоуправа, согласно Законот за заштита на правата на пациентите.

– Среќни сме и горди што Општина Кавадарци е лидер во овој процес и е првата општина со која „Борка“ потпишува Меморандум за соработка. Тоа уште еднаш покажува дека се грижиме за здравјето на нашите сограѓани, за здравствените услуги што ги добиваат и секако, со формирањето на комисијата ќе придонесеме кон поздраво, а со тоа и посреќно население, изјави Јанчев.

Во наредниот период ќе биде изготвен план за работа за имплементација на комисијата. По нејзиното формирање и ставање во функција, ќе се работи на едукација на населението, неговите права и обврски. Секој што има здравствен проблем, ќе може да се обрати до комисијата и да добие совет или помош за остварување на правата.

– Нашата соработка со општина Кавадарци и Градоначалникот Митко Јанчев од секогаш била на високо ниво и не случајно го одбравме Кавадарци да биде пионер во промените. Ние во Борка спроведовме анкета меѓу населението и увидовме дека Комисиите за заштита на правата на пациентите се неопходни. Затоа и инициравме вака голем и значаен проект, рече Додева.

Членовите на комисијата ќе бидат избрани согласно Законот и транспарентно, а се очекува да профункционира до крајот на годината.