Пораката на Грција е јасна: Солидарност со украинскиот народ и поддршка за Полска, порача алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис, од полско – украинската граница, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од грчкото МНР, во рамките на престојот во Полска, Варвициотис ги посетил бегалскиот камп во Хелм, како и селото Дорохуск од каде што поминале над 1,3 милиони украински бегалци и истакнал дека „не смее да се прифати продолжување на хуманитарната катастрофа во Украина, дека војната мора да заврши и да бидат поразени експанзионистичките аспирации на Путин и Русија“.

„На границата Полска – Украина бев сведок на драмата на украинските бегалци. Вистинска хуманитарна катастрофа. Пораката на Грција е јасна: Солидарност со украинскиот народ и поддршка за Полска. ЕУ сега е свесна и не смее да остави ниту една земја – членка сама пред нашите заеднички проблеми“, напиша Варвициотис на Твитер.

За време на посетата, тој рекол дека Грција веќе примила над 20.000 бегалци од Украина и може да прими уште повеќе доколку има потреба.