Украинската бегалска криза е криза на заштита за жените и децата – тие сочинуваат 90 отсто од сите кои бегаат преку границите на Украина. Знаеме дека ризиците од родово-базираното насилство, трговијата со луѓе, злоупотребите, психичките трауми и разделувањето на семејствата се зголемуваат во време на конфликт и раселување, но со оглед на родовиот профил на овој бегалски тек и фактот дека многу од децата избегале сами, ризиците повеќекратно се зголемуваат, изјави помошник- високиот комесар за заштита при УНХЦР, Џилијан Тригс.
Како што се случува при кризни состојби и поради скриената природа на трговијата со луѓе, тешко е да се потврдат податоците и невозможно да се процени колку жени и деца бегалци од Украина е можно да станале цел на трговци со луѓе.
– Досега потврдени се мал број случаи. Но, ние сме подготвени и ги предупредуваме бегалците за ризиците од предатори и криминални мрежи кои би можеле да се обидат да ја искористат нивната ранливост или да ги намамат со ветувања за бесплатен превоз, сместување, вработување или други форми на помош, вели Тригс, информираат од канцеларијата на УНХЦР.
Трговијата со луѓе, се вели во соопштението од УНХЦР, е кривично дело во кое лицето е измамено, заробено или принудно доведено во состојба на експлоатација за туѓа приватна корист или профит, а може да има различни форми, како што се сексуална експлоатација или други форми на родово-базирано насилство, принудна работа, домашно ропство или други практики слични на ропство, принудно просење или криминал.
– Бегалците треба да можат безбедно да патуваат без грижа дека криминалните мрежи ќе ја злоупотребат нивната состојба на очај. Иако великодушноста и солидарноста кон украинските бегалци се инспиративни, државите мора да ги спречат предаторските поединци и криминални мрежи за да не ја злоупотребат состојбата. Бараме од службениците за гранична контрола и спроведување на законот, како и социјалните служби во регионот и пошироко, да ја засилат борбата против трговијата со луѓе – од раното откривање и спречување криминални активности, сѐ до информирање и поддршка за оние кои биле злоупотребувани или експлоатирани, како и да се осигура дека сторителите брзо ќе одговараат пред законот, а на жртвите ќе им биде надоместена претрпената штета, нагласува Тригс.
УНХЦР тесно соработува со владите кои прифатиле и се задолжени за регистрација на бегалците и помага со идентификација, проценување на ризиците од трговија со луѓе преку следење на заштитата, распоредување на обучен персонал и обука на волонтери за заштита од експлоатација и злоупотреба, трговија со луѓе и родово-базирано насилство.
Од УНХЦР, порачуваат дека се потребни заеднички напори на државните власти, оние кои го спроведуваат законот, невладините организации, хуманитарните работници и самите бегалци за да се спречат злоупотребата и прекршувањето на правата на сите бегалци кои бегаат од војната во Украина.