Во дворот на Министерството за култура денеска ќе биде отворена изложбата „Поместени граници“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Со тоа воедно, ќе се одбележи и 15 април, Светскиот ден на уметноста.

– Овогодишното издание на годишната изложба на ДЛУМ „Поместени граници“ ја има можноста на користење на отворениот простор-паркот на Министерството за култура и со тоа се вклучува во заедничко празнувањето на овој светски датум на Уметноста. Поставувајќи ја уметноста поблиску до гледачите, дури и случајните минувачи, ја продолжуваме мисијата, уметноста да биде духовна храна, преку нејзе да испратиме порака и да се запрашаме колку сме моќни да направиме промени, соопшти ДЛУМ.

„Поместени граници”, посочуваат, е веќе во своето шесто издание. Тоа, како што додаваат, е концепт проект посветен на новите медиуми, потенцирајќи ги уметничките процеси кои се отворени за промени, уметноста во хармонија со просторот, односот уметност и природа.

– Самите уметници избрани за ова издание, ги придвижуваат границите на мислите, експериментираат низ нивната замисла, а сето тоа е резултат на грижите, прашањата и евентуалните одговори кои треба да ги постават во своите дела. Изборот на уметниците воглавно од младата генерација, со свои решенија од последната година на творештво, внесуваат енергија на поврзаност со природата, но и посветеност кон вечните теми на бесконечност, релативноста на времето, еколошкиот пристап кон постоењето, но уметниците се посветуваат и кон пробивањето на границите на разбирањето и надежта, се вели во соопштението.

На изложбата ќе се претстават осум уметници, Марија Светиева, Ненад Тонкин, Ива Станковска, Дарко Базерко, Ана Трајковска, Јана Јакимовска, Славчо Максимовски и Ана Ивановска.