Фестивалот и натпревар на народни и класични инструменти „Инструментите на моите предци“, во организација на Детскиот културен центар „Карпош“, започнува денеска и ќе трае до 18 април. Годинава е четврта година на овој фестивал, кој се одржува под покровителство на Град Скопје.
Директорката на ДКЦ „Карпош“, Билјана Лалчевска Серафимовска вели дека преку Фестивалот, посетителите на уникатен и единствен начин ќе се запознаат со сличностите и разликите на инструментите и нивните звуци во натпреварувачкиот дел.
– Фолклорната култура е човечки израз за да се опише начинот на живот на едно општество, бидејќи целта на народната песна е да ги опише човечките искуства, знаењето на духовното и материјалното наследство кое е неизоставен дел од развојот на децата, кои се развиваат и усовршуваат наоѓајќи сопствен изворен уметнички јазик, нагласува Билјана Лалчевска Серафимовска.
Таа додава дека преку звукот на народните инструменти патуваме во различни предели и региони и ги раскажуваме овие приказни кои зборуваат за минатото, во сегашноста и ја градат иднината поставувајќи нови темели за збогатување на културното наследство.