Во книжарницата „Матица ексклузив“ во Скопје денеска со почеток во 12:00 часот ќе се одржи Омаж за творештвото на проф. д-р Александар Стојчев, организиран од неговите пријатели и семејството.
Беседи посветени на Стојчев ќе одржат Наде Проева, Тодор Чепреганов и Диме Ратајковски, а ќе биде промовиран и каталог за неговото творештво.
Како што посочуваат организаторите, Стојчев остави неизбришлива трага во областа на изучувањето на историјата на македонскиот народ од 19-от, 20-от и почетокот на 21-от век, со посебен акцент на воената историја.
– Вгради особен белег во областа на воената историја како раководител на Службата за историја на Воениот музеј при Министерството за одбрана во периодот од 2010 до 2021 година. Неговата љубов беше историјата и нејзиното истражување, како и бележењето на историските податоци до кои доаѓаше со неговото постојано истражување во архивите и музеите низ Македонија, Европа и САД. Резултатите од неговите истражувања ги објавува во изданијата на Институтот за национална историја, во своите посебни изданија како и во рефератите презентирани на повеќе симпозиуми. Се вградува во подготовките и реализацијата на изложбените поставки во својата матична куќа – Воениот музеј на Македонија. Изложбите ги подготвува до најситни поединости, а во текстовите на придружните каталози научно ги обработува деталите и настаните за кои тие се однесуваат, посочуваат организаторите.
Врв на неговата авторска музејска дејност беа изложбите: „Американско-македонски односи низ историјата“, одржана во Воениот музеј во 2016 година, како и грандиозната Изложба „Македонија и Македонците во Првата Светска војна“, што се одржа во Воениот музеј на Австрија во Виена во 2017 година.
Тој е автор на повеќе изданија како монографијата „Дојран 1915-1918 (Воени операции)“, книгата „Македонија и Македонците во Првата светска војна“, заедно со неговиот татко Ванче Стојчев е коавтор на монографиите „Букурешкиот мировен договор и поделбата на Македонија во 1913 година“ и на монографиите „Воената историја на Македонија“ и „Воената историја на Македонија – карти“. Автор е и на многубројни написи за историјата на Македонија и Македонците во 19-от и 20-иот век објавени во многу ревии и публикации во Македонија и во странство.