Најмалку 152 Палестинци се повредени денеска во судирите со израелската интервентна полиција во комплексот на џамијата Ал Акса во Ерусалим, соопшти Организацијата на палестинската Црвена полумесечина.

Израелските безбедносни сили се во состојба на готовност по серијата смртоносни улични напади низ земјата во изминатите две недели, а судирите во светилиштето во Ерусалим носат ризик да предизвикаат поширок конфликт меѓу Израелците и Палестинците.

Комплексот Ал Акса што се наоѓа на платото во Стариот град што Евреите го нарекуваат Ридот на храмот, е најчувствителната локација во долготрајниот еврејско-арапски конфликт.

Израелската полиција соопшти дека по рамазанската молитва стотици Палестинци почнале да фрлаат петарди и камења врз нивните сили и кон блискиот еврејски Ѕид на плачот.

Полицијата влегла во комплексот Ал Акса за да ја растера толпата и да им дозволи на другите верници безбедно да си заминат, соопшти полицијата, додавајќи дека тројца полицајци биле повредени во судирите.

Најголем дел од Палестинци се здобиле со повреди од гумена муниција, тепање од полицијата и експлозии на шок гранати, соопшти палестинската Црвена полумесечина.

Полицијата уапсила стотици Палестинци, соопшти израелскиот премиер Нафтали Бенет преку својот твитер-налог.

„Работиме на тоа да донесеме мир на Ридот на храмот и низ Израел. Дополнително, се подготвуваме за секое друго сценарио и безбедносните сили се подготвени за секоја задача“; напиша тој.

Палестинското Министерство за надворешни работи се огласи по повод конлфиктите соопштувајќи дека „го смета Израел целосно и директно одговорен за тоа злосторство и неговите последици“.

„Потребна е итна интервенција на меѓународната заедница за да се запре израелската агресија врз џамијата Ал Акса и да се спречи работите да излезат од контрола“, изјави Набил Абу Рудеине, портпарол на палестинскиот претседател Махмуд Абас што ја има власта врз Западниот Брег.

И Хамас,исто така, излезе со соопштение во кое наведува дека Израел „сноси одговорност за последиците“.

Рамазан оваа година се совпаѓа со еврејските празнувања на Пасха.

Минатата година за време на Рамазан избувнаа ноќни судири меѓу Палестинците и израелската полиција.