Во галерија КО-РА при Дом на култура „Кочо Рацин“ Скопје синоќа е отворена изложба насловена „Квадратна божествениот“ на уметницата и конзерватор-реставратор на ѕидно сликарство Валентина Илијевска. Проектот е подржан од Град Скопје.
-На оваа изложба преку триесетина дела во акрил на платно уметницата успева целосно да не поведе кон светот на духовноста, трансцеденталното и езотеричното, каде духот се извишува над материјата , оваплотен во симболиката и дијалогот помеѓу формата сконцентрирана во звучноста на бојата, на пигментот и структурата повеќе аморфна и дезинтегрирана. Севкупноста на концептот е предочен преку релацијата воспоставена во взаемноста помеѓу архетипското содржано во симбилите кои ги посочуваат елементите на зародишот, цикличноста како во природата така и во човековата генеза која се пресликува и во неговите морални принципи, стремежи, двојби, потраги по идентитетот и запазувањето на традицијата но и на исконското во еговиот светоглед, истакна на отворањето на изложбата Виолета Калиќ, историчар на уметноста и стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура во Домот на култура „Кочо Рацин“ Скопје.
Валентина Илијевска дипломира на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, на Универзитетот „Св Кирил и Методи“ во класата на проф. Мирко Вујисиќ, насока конзервација и реставрација. Во 2014 магистрира на истиот Факултет во класата на проф.Благоја Кузмановски. Моментно е на докторски студии-трет циклус на Институтот за македонски јазик и литература, културолошки студии кај професор Илија Велев. Член е на ДЛУМ, на ДЛУБ, на ИКОМОС, како и на групата ЛУЦИДО во БИХ и на АРТ ЌАКУЛА во Хрватска. Добитничка е на повеќе награди, помеѓу кои се и престижните ДЛУМ-ови награди на годишните изложби на кои редовно учествува.Учесник е на бројни групни изложби во државава како и во Србија, Босна и Херцеговина, Р.Словенија, во Египет, Шведска, Кореа, Полска, Индија… Како професор предава и во повеќе средни училишта во Куманово каде е вработена како конзерватор и реставратор при Кумановско- Осоговската Епархија, во одделот за заштита на културно наследство.