Албанскиот претседател Илир Мета изјави дека воопшто не е заинтересиран во врска со изборот на негов наследник на функцијата, иако владејачкото мнозинство веќе иницираше почеток на оваа постапка.
Според него бидејќи власта има доволно гласови да го избере новиот претседател тој нема да биде дел од „забавата”.
– Во однос на прашањето за нов претседател, тоа не е конкретен интерес за мене, многу е јасно дека сегашното мнозинство, поради 25 април (датум кога лани се одржаа парламентарните избори) има доволно гласови да избере претседател, не гледам причина да станам дел од јавната забава поврзана со прашањето за претседателот. Како што ветив, мандатот ми завршува на 24 јули, потоа на 25 јули почнувам со нови обврски, рече Мета.
Додаде дека нема конкретно име кој би можел да го замени, но посочи дека е важно да ги почитува принципите, Уставот и да ги штити националните интереси.
– Немам конкретно име. Важно е следниот претседател или претседателка да го почитува уставот, да го штити суверенитетот и да се води од националниот и јавниот интерес. Помеѓу претседателот и мнозинството секогаш имало проблеми. Владата има тенденција да ја заземе институцијата и ако погледнете, најмирно време беше кога премиер беше Илир Мета, а претседател Реџеп Мејдани. Како и да е, во секој случај иднината ќе биде сосема поинаква од сега, нема да има псевдоопозиција која бега од битките, изјави Мета.
Владејачката Социјалистичка партија, вчера достави допис до претседателката на Собранието, Линдита Никола, со кој бара на 29 април да свика седница со координаторите на пратеничките групи, за отпочнување на процедурата за избор на претседател на државата, а на 4 мај да се спроведе првиот круг од гласањето во Парламентот.
Изразувајќи подготвеност за дијалог тие побараа од опозицијата да се вклучи во овој процес.