Со традиционални песни и посета на домовите, православните верници од Струга и Струшко ги чествуваат двата големи христијански празници Лазарова сабота и Цветници.
Припремата за одбележување, според Љупчо Милошески, истражувач и познавач на традиционалната култура, почнува 10-тина дена порано, кога девојчињата се собираат во црквите ги учат песните и ората, што се изведуваат при обредот, ги чистат храмовите и нивните дворови. Неколку дена пред празникот, пак, собираат цвеќиња, од кои прават венци и ги украсуваат црквите и престолните икони.
– На празникот Цветници, во моето село Драслајца, рано наутро, девојките облечени во свечена, традиционална носија одат на литургија во црква, а по завршувањето почнуваат да Лазаруваат. Одат од куќа во куќа, пеејќи наменски песни за секој член од семејството, со цел заштита и благосостојба на луѓето и природата. По завршувањето на обредот, домаќините ги даруваат со јајца и пари, раскажува Милошески.
Карактеристично за Струга, е што единствено во Македонија, празникот Цветници, се прославува под маски и се нарекува со локална терминологија „Вијур гајдано“, произлезена од истоимената песна, која ја пеат децата при посетата на домовите.
Во етничкиот предел струшки Дримкол, појасни Милошески, интересно е што Лазарките плетат венец од бршлен и го ставаат на глава на најмалото девојче од групата.
– Пред олтарот во соборната селска црква пеат лазарски песни, а „челниците“ (највозрсните) од групата, ги ставаат рацете врз главата на девојчето. Во струшко Ложани, кое е дел од етничкиот предел Струшко поле, карактеристичен е обредот „На конак“, каде Лазарките, ноќта пред празникот ја поминуваат во ново изградена куќа во селото и доколку некоја од помалите заспие „челниците“ дел од облеката на девојчето ја пришиваат за постелата, додава Милошески.
Традицијата со лазарувањето во етничките предели струшки и дебарски Дримкол се одржува на Лазарова сабота, додека во Струшко поле и во градот Струга во недела на Цветници.