Вицепремиерката и министер за рударство и енергетика, Зорана Михајловиќ изјави дека задача на државата Србија е по секоја цена да обезбеди енергетска безбедност, и дека енергетиката никаде во светот не постои без политика и дека сите земји ја користат енергетиката за да постигнат политичко влијание, јави дописиникот на МИА од Белград.

-Мислам дека дефинитивно треба да балансираме, засега сме 100 отсто зависни од рускиот гас, но треба да бараме алтернатива и да имаме уште подобри односи со САД и ЕУ. Еден дел од нашиот народ ја сака Русија, но претпоставувам дека ние сите најмногу ја сакаме Србија и мораме да направиме се за да ја зачуваме енергетската, економската, а со тоа и политичката безбедност. Сите треба да разбереме дека нема повеќе евтина енергија, заборавете на тоа. Никој не може да проектира какви ќе бидат цените и затоа е важно да работиме на диверзификација. Интерконекцијата Ниш-Димитровград ќе биде завршена следната година и со тоа ќе имаме можност да преговараме, од септември следната година да добиеме ЛНГ од Грција, да се поврземе со гас од Азербејџан. Од вкупната потрошувачка на гас, 70 отсто оди за стопанството, кое мора да го обезбедиме, изјави Михајловиќ на Телевизија Прва, соопштија од нејзиниот кабинет.

Таа повтори дека се обезбедени доволно количества енергија и енергенти.

-Ова се сериозни нарушувања на пазарот и факт е дека енергетската безбедност е најважното прашање за секоја земја и мораме, како што правевме досега, да го земеме предвид ова, не само денес или утре, туку и во наредните месеци и години. Што се однесува до НИС (Нафтената индустрија на Србија), немаме донесено никаква одлука за рускиот удел во сопственоста, но важно е по секоја цена да ја обезбедиме енергетската безбедност на државата. Тоа значи дека ќе разговараме за се. Она што е наша задача и на што работиме секојдневно е да обезбедиме доволни количества нафта, нафтени деривати, гас, струја и топлинска енергија. Ние сме изземени од петтиот пакет санкции, но не знаеме што може да има во шестиот пакет. Мора да бидеме подготвени да имаме план за секоја ситуација, доколку се прекине снабдувањето на Јадранскиот нафтовод, имаме план за секоја ситуација. Снабдувањето со гас се одвива непречено преку Бугарија преку Балканскиот поток, кажа српската вицепремиерка.