Наредната седмица во Велика Британија ќе биде промовирана нова наставна програма по природна историја што ќе се фокусира врз тоа како учениците можат да ја заштитат планетата.

Британскиот одбор за образование објави дека учениците ќе учат за организмите и нивната животна средина, како и за прашањата за одржливоста на животната средина, со цел „да стекнат подлабоко знаење за природниот свет околу нив”.

Студентите исто така ќе развиваат вештини за идни кариери во областа на зачувување на природата, „од разбирање како да се зачува локалниот див свет до спроведување на теренска работа потребна за да се идентификуваат видовите”.

Часовите веќе вклучуваат изучување на урбанизацијата во географијата и живеалиштата во науката, но Владата соопшти дека новиот курс ќе „оди чекор понатаму” во наставата за историјата и еволуцијата на видовите и влијанието на животот врз животната средина, т.е. како видовите се менуваат и еволуираат.

„Одржливоста и климатските промени се најголемите предизвици со кои се соочува човештвото”, изјави британскиот министер за образование Надим Захавија.

„Никој од нас не може да се сомнева колку тие станаа клучни. Новата програма за природна историја ќе им понуди на младите можност да развијат подлабоко знаење и разбирање за оваа неверојатна планета, нејзината околина и како да ја зачуваат”, рече Захавија.

„Владата тесно ќе соработува со независни експерти и низа организации за да развие детална наставна содржина”, соопштено е од Одборот за образование.

Според нив, Стратегијата за одржливост и климатски промени ќе им помогне на „младите луѓе да развијат одлично знаење за STEM (наука,технологија, инженеринг и математика) и практични можности за подобрување на биолошката разновидност и отпорноста на климатските промени”.