Во Здравствениот дом при Општата болница во Гевгелија денеска почна вакцинацијата против морбили, рубела и паротитис (МРП) за сите деца од таа општина родени 2016 година.

Родителите своите деца може да ги носат на вакцинирање секој работен ден од 12 до 13 часот при што задолжително со себе треба да го носат вакциналниот картон на детето.

Од Здравствениот дом во Гевгелија посочија дека по извршената вакцинација ќе се издаваат потврди за примена вакцина кои на децата ќе им бидат потребни при запишување во прво одделение во учебната 2022/23 година.

Службата за превентивната здравствена заштита од гевгелиската болница соопшти дека задутре во Амбулантата во Богданци од 8:30 часот до 12 часот ќе врши вакцинирање на деца родени во 2016 година од Богданци и Ѓавото.