Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца вели дека, додека Косово им одава почести на оние кои го загубија животот во борбата за слобода, Србија го слави својот поранешен претседател, Слободан Милошевиќ, за кој вели дека е виновен за смртта на 160 илјади цивили во неколку балкански земји, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешното чествување по повод денот на загинатите во последната војна во областа на Лап и Голак, Коњуфца ја обвини Србија за геноцид и убиство на над 12 илјади граѓани Албанци во 300 масакри низ цело Косово.

– Денеска им одаваме почит на 227 паднати борци, кои го положија животот за слободата на нашиот народ. Само во последната војна геноцидот на Србија уби над 12 илјади граѓани Албанци во Косово и сосема е јасно кој е одговорен за сите тие злосторства со над 300 масакри низ цело Косово. Доколку следите денес што зборуваат претседателот на Србија (Александар Вучиќ) и претседателот на нејзиниот Парламент (Ивица Дачиќ), тие му одаваат почести на нивниот касапин, кој остави мртви над 160 илјади граѓани, припадници на разни народи на Балканот, изјави Коњуфца.