Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (АААК), Рамуш Харадинај вели дека обврска на владите на Косово и Србија е да се борат против организираниот меѓуграничен криминал во двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај на својата официјална страница на Фејсбук напиша дека „организираниот криминал нема политичка и етничка припадност“ и ги загрозува сите граѓани.
– Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство и сите држави на НАТО интервенираа во 1999 година во Косово за да го запрат геноцидот. Оттогаш овие држави исто така се посветени на (градење) мирен и безбеден регион, напиша поранешниот косовски премиер.
Тој порача дека „редот и мирот се во интерес на секој граѓанин, како и на двете држави, Косово и Србија“.
– Во интерес и обврска и на косовската и на српската влада е да се борат против организираниот криминал. Таквите чинови не смеат да се толерираат, напиша Харадинај.
Минатата недела, од средата до саботата (13 – 16 април) во северно Косово, на границата со Србија, се случија пет напади врз патролите на косовската погранична полиција. Два од нападите беа изведени со огенено оружје (една рачна бомба и рафали од калашников) и по еден со камења, ао поставување метални шилци на регионалниот пат и со пироттехнички средства. Во нападите немаше повредени полицајци, а беа оштетени неколку полициски возила.
Косовските власти ги осудија нападите и ги оквалификуваа како тероризам. Премиерот Албин Курти изјави дека, според информации добиени од владини извори, нападите се извршени од српска територија и го повика официјален Белград да ги осуди и да се дистанцира од нив.
Канцеларијата на Европската унија и амбасадата на САД во Косово исто така ги осудија нападите и повикаа „да се избегнат шпекулациите кои можат да доведат до натамошно подигање на тензиите“ во државата.