Речиси сите просветни работници од општините од североисточниот регион се приклучени во штрајкот на СОНК, освен училиштето „Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка и градинката „Царка Андреевска“ од Кратово, информираа денеска од СОНК Куманово.

На ниво на општините Куманово, Старо Нагоричане, Ранковце и Липково засега нема притисоци.

– Притисоци имаме во Крива Паланка во средното училиште „Ѓорче Петров“ и продолжува несмалениот притисок во градинката „Детелинка“ во Крива Паланка. Притисок во Куманово е извршен вчера од страна на директорката на државно средно училиште регионален центар за обука и образование „Киро Бурназ“ од Куманово, со цел да ги раздели штрајкувачите во две смени. На реакција на вработените директорката се повлекла. Штрајкот во другите училишта и градинки се одвива непречено во Куманово, изјави претседателот на регионалниот одбор на СОНК Куманово (Куманово, Крива Паланка, Кратово, Старо Нагоричане, Ранковце и Кратово), Никола Стојмановски.

Тој се заблагодари на учениците и на родителите за поддршката што ја испраќаат, укажувајќи дека ги поттикнуваат во намерата да ги оставарат своите права.

– Најнова информација од наши членови, кои се членови на политичките партии, а кои се без решение односно под договор за работа, е ултиматум или прекин на штрајк или надвор од партија, рече Стојмановски.

Засега во Куманово немало обид за пронаоѓање на заменски наставници, бидејќи, како што појасни Стојмановски, е голема бројка на вработени и не можат да се најдат со соодветен профил и образование.

Директорката на државното средно училиште регионален центар за обука и образование „Киро Бурназ“, Весна Трајковска во соопштението испратено до медиумите, вели дека на почетокот на втората недела од штрајкот на наставниците оствариле средба со претседател на штрајкувачки одбор при ДСУ РЦСОО „Киро Бурназ“ Куманово за да се договорат дали поради новонастанатата состојба во преговорите, има потреба штрајкот да се одвива во две смени.

Таа нагласува дека се консултирале и со други училишта од Куманово за да се усогласат по ставовите.

– Одлука на учесниците во штрајкот остана непроменета односно штрајкот да се одвива во една смена и тоа се почитува без никаков притисок. Секоја друга изјава е неточна и невистинита, вели Трајковска.

На ниво на регионот има околу 3000 членови на СОНК.