Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент утринава одржа дебата за ситуацијата во Босна и Херцеговина, изразена е загриженост поради сецесионистичката реторика.

Европратениците ги повикуваат сите лидери во Босна и Херцеговина да постигнат договор за изборниот законик, стои во извештајот на Пауло Рангел, задолжен за БиХ во Европарламентот, изборната реформа мора да се заснова на еднаквост и недискриминација на сите граѓани и заедници во државата, а изборите да се одржат наесен како што е планирано. Пратениците оценуваат дека има доволно време дотогаш да се постигне договор.

Рангел ги повика институциите на ЕУ да ги употребат сите расположливи алатки за таргетирани санкции против лидерите кои се користат со реторика на поделби, и да се ограничи пристапот до ЕУ фондовите за земјите кандидати, ИПА3. Ова е веќе делумно случај со суспендирањето на инфраструктурни проекти во земјата поради политичката криза.

Од страна на Европската Комисија беше потенцирано за време на дебатата дека сите иницијативи кои се перцепирани како сецесионистички мора да запрат и дека тоа ќе биде предуслов за целосна интеграција во ЕУ на Босна и Херцеговина.

Претставниците на дипломатската служба на ЕУ од своја страна порачаа дека ЕУ нема да дозволи војната во Украина да се прелее во БиХ и на Западен Балкан, а поздравено е и зголеменото усогласување на Босна и Херцеговина со санкциите на ЕУ против Русија.