Министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба во бугарското народно собрание изјави дека оние кои денеска не и помагаат на неговата земја, тие и помагаат на Русија, јави дописникот на МИА од Софија.

Кулеба коментира дека е задоволен од средбите со министерката за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска, со премиерот Петков и со претседателот Радев.

Пред бугарскиот претседател, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба повика да се прекине со флоскулата за војна меѓу двата братски словенски народи и рече дека ако Киев е пријател со Москва, тогаш тие се како Каин и Авел. Според Кулеба, Бугарија направила многу за евроинтеграциите и за бегалците од Украина. Што се однесува до воено-техничката помош што Бугарија може да и ја испрати на Украина – рече дека ја разбира внатрешно-политичката ситуација во земјата и додаде дека оваа одлука ја остава на бугарската влада.

Оние кои се двоумат и зборуваат против помагањето на Украина со оружје против Русија – тие според него, ја поддржува де факто руската агресија и убивањето на нејзините граѓани.

Тој говореше на седница на Комисијата за надворешна политика на бугарскиот парламент, на која присуствуваа и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и амбасадорот на Украина во Софија, Виталиј Москаленко, поранешен амбасадор во Република Македонија.

Претседателката на надворешната комисија, Венцислава Љубенова од „Промената продолжува“ рече дека се што се случува во Украина сериозно и постојано се следи во бугарскиот парламент, бугарската држава, а особено бугарското општество. Дмитриј Кулеба беше примен и од претседателот на Народното собрание на Бугарија Никола Минчев.