Спортската академија почнува потрага по спортски таленти во земјава кои ќе бидат дел од ДСУ Спортска академија, во паралелки за фудбал, ракомет, кошарка и тенис за учебната 2022/2023 година. Министерството за образование и наука објави повик за проверување на способностите за спортски вештини на учениците заинтересирани за запишување во Спортска академија.

Покрај во Скопје, паралелки се предвидени и во состав на јавни средни училишта кои се надвор од седиштето на Спортската академија: фудбал и ракомет во „Кузман Шапкарев” – Битола; кошарка во „Перо Наков“ – Куманово и во „Ѓорче Петров“ – Кавадарци и паралелки за фудбал во „Ванчо Питошевски“ – Охрид; „Мирче Ацев“ – Прилеп; „Никола Карев” – Струмица; „Кирил Пејчиновиќ“ – Тетово; „Кочо Рацин“ – Велес; „Гостивар“ – Гостивар и „Коле Нехтенин” – Штип.

Учениците – спортски таленти во Спортската академија се оспособуваат да постигнуваат врвни спортски резултати и да се подготвуваат од рана возраст да станат членови на националните спортски селекции за фудбал, ракомет, кошарка и тенис. За таа цел учениците ќе имат специјално креирана програма за образование и тренинг и со нив ќе работат стручни тимови составени од тренер и негов заменик и физиотерапевт.

Како што е наведено во јавниот повик, кандидатите за упис во прва година ќе бидат селектирани од стручна комисија. Селекцијата ќе се одвива во фази: скаутирање од стручни лица, селекција од стручен тим и тестирање на психофизичките способности од страна на стручна комисија.

Во јавниот повик е објавена листа на локации и датуми на кои ќе се врши првичната селекција од конкретната спортска федерација за паралалките за ракомет, кошарка, тенис и фудбал.

– На учениците кои ќе бидат примени, а кои не се од регионот каде што ќе ја посетуваат наставата, ќе им биде обезбедено сместување и храна, а превоз до училиштето и до спортските терени ќе биде обезбеден за сите ученици, во согласност со закон, се наведува во јавниот повик.