Струмица повторно пример за цела држава, добар дел од воспитниот и образовниот процес почна. Денеска охрабрува информацијата дека дел од наставниот кадар во Струмица ја препозна политичката манипулација, ја разбра тежината на ова кризно време и се вратија на работните места и им се посветија на учениците, објави градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

Тој појаснува дека во најголем дел од предучилишните установи вработените се вратиле на работа и вршат згрижување на децата, потоа во основното образование и помалку во трите средни училишта во Струмица.

-Честитки за нив, а ги охрабрувам и останатите уште еднаш да размислат дали сега е време да се бара финансии плус или да покажеме разумност и солидарност со вработените од останатите области, па и социјалните случаи и невработените, бидејќи никој не е поштеден од здравствената, економската, воената, политичката криза, вели Костадинов.

Во обраќањето додава дека вработените во образованието и градинките ја имаат неговата поддршка и уште еднаш ги повика да покажат дека заедно можат да се издигнат над личните интереси и да не подлегнуваат на притисоци, а децата и нивното згрижување и образование се најважни.

Инаку, пред два дена Костадинов изјави дека Општината трпи последици од штрајкот на СОНК, односно кај превозот на учениците Општината има загуби од околу 200 илјади денари дневно.