Општина Делчево отпочна иницијатива за збратимување со турската општина Кемалпаша. Иницијативата е договорена на заедничката средба на градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски и градоначалникот на Кемалпаша, Ривдан Каракајли, во рамки на посетата на Кемалпаша.

За градоначалникот Трајковски, унапредувањето на соработката меѓу двете општини ќе значи и имплементација на добрите практики, посебно на искуствата на Кемалпaша во процесот на развој на индустријата и отворањето нови работни места, но и размена на информации и заедничко учество во проекти.

-Ме радува пријателството и иницијативата на градоначалникот Каракајли за збратимување, посебно што станува збор за општина со над 120.000 жители и економски развиена. Оваа соработка може да донесе понатамошен развој и соработка во сите области. Пријателството меѓу општините е битна алка, бидејќи денес општините претставуваат клучен елемент во процесот на развој на регионите и земјите и важен предмет на меѓународните односи и соседската соработка, при што општините имаат особено важна улога и одговорност, потенцираше Трајковски.

Делегација на Општина Делчево на покана на Општина Кемалпаша, деновиве претстојуваат во Турција во рамки на традиционалниот Меѓународен фолклорен фестивал што се одржува по повод Денот на детето во Измир. На фестивалот ќе настапи и фолклорната група при Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“ која ќе го промовира пијанечкото и македонското фолклорно богатство.